Во второто полугодие од 2011 година, споредено со истиот период во 2010, вкупниот криминалитет на подрачјето кое го покрива Полициската станица од општа надлежност Охрид, бележи намалување за 16 %. Во периодот од јули до декември 2011 биле регистрирани 455, за 86 помалку кривични дела од истиот период во 2010.

Како што информираат од СВР- Охрид, во анализираниот период немало неоткриени кривични дела (убиства), разбојништва со последици смрт и други кривични дела со елементи на насилство, поради што се констатирало дека изминатата 2011 година, од аспект на криминалитетот, поминала во безбедносна состојба.

Тенденција на намалување бележи бројот на извршени тешки кражби, кражби, разбојништва, изнуда, одземање на моторно возило, фалсификување исправа и други кривични дела.

Во втората половина на минатата година, од областа на класичниот криминалитет биле пријавени 369 случаи, од кои расветлени биле 201, а за 153 биле поднесени кривични пријави. Се случило едно убиство, а кај 14 лица биле нанесени телесни повреди, од кои со тешки се здобиле 5 од нив.  Пријавени тешки кражби имало 157.

Според податоците на СВР- Охрид, најголемиот број кривични дела биле извршувани во времето од 18-07 часот во работните денови, додека во денови од викендот од 22-06 часот.

Најголем број кривични дела биле извршени во деновите од викендот, односно во сабота и недела и за време на туристичката сезона.

OhridNews