На 3-ти март, во Конференциската сала „Борис Трајковски“, веб порталот за медицина и здравје – Доктори.мк, во соработка со БиМилк, организираше Конференција за доктори и новинари на тема: „Создаваме здрава и едуцирана нација“, со која  се одбележа едногодишното постоење на специјализираниот портал.


„Интернетот како медиум нуди многу можности за успешна интеракција на здравствените работници со своите пациенти. Поради достапноста и едноставноста има потенцијал да биде предводник во здравствената едукација на граѓаните. Преку него, докторите имаат убава можност да се поврзат со пациентите, но и меѓу себе, и да разговараат на најразлични теми од здравството. Но, тука важна улога имаат и здравствените портали и новинари, кои мораат да ги филтрираат информациите кои ќе ги објавуваат.“ – изјави членот на уредничикот тим на Доктори.мк, д–р Благоја Стефановски.


На конференцијата свои презентации имаа: д-р Миле Д.Миќуновиќ, специјалист уролог од Специјалната болница “Св. Еразмо” – Охрид и професор на Високата медицинска школа и Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св.Климент Охридски“; д-р Ристе Секулоски, специјалист по интерна медицина – Завод за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања – Охрид; специјалист по семејна медицина и стручен соработник во Центарот за семејна медицина – Медицински факултет Скопје и д-р Бојан Шешоски, главен уредник на Доктори.мк.


Покрај едукативните презентации, на конференцијата се доделија и признанија и благодарници на најуспешните автори од Тимот на Доктори.мк.

Веб порталот за медицина и здравје – Доктори.мк кој е основан од четворица охриѓани е пример за успешна приказна во однос на интернет комуникацијата помеѓу здравствените работници и граѓаните. Во текот на своето едногодишно постоење, со својот концепт, содржини и со помош на ентузијазмот на тимот кој стои зад него, Доктори.мк прерасна во број еден портал за медицина и здравје во Македонија, а основачите најавуваат дека порталот и понатаму ќе продолжи со својот развој и ќе ја промовира својата мисија за создавање на здрава и едуцирана нација.

OhridNews