Во текот на месец мај извршени се анализи на 30 примероци земени на потегот од Св. Наум до селото Радожда на кои е извршена физичко- хемиска и микробиолошка анализа.
– Можам да кажам дека споредено со минатите години, ова се исклучително добри резултати при што најголемиот дел од водата е со одличен квалитет, вели Сашо Точков од Центарот за јавно здравје.
Само од три мерни места, кај Грашница, Калишта и Ливадишта, земените примероци покажале дека водата е од втора класа, како и примероците земени од трите реки кои се влеваат во езерото- Велгошка, Коселска и Сатеска река.
Како што потенцира Точков, ваквата состојба се должи на ниската температура на водата од езерото за овој период од годината, која изнесува од 12 до 14 степени и која е пониска за разлика од температурата на водата во истиот период минатата година, која изнесувала 19 целзиусови степени. – За добриот квалитет на водата влијае и поголемата заситеност со кислород, како и сеуште неразвиеното цветање на алгите кое се очекува да започне во јуни и да трае околу 20 дена. Со доаѓањето на поголем број туристи се очекувада дојде до деградација на квалитетот на водата, особено во деловите кои не се опфатени со колекторскиот систем, вели Точков.
Од Центарот за јавно здравје информираат дека редовно се врши испитување и на квалитетот на водата во јавните чешми, кој е со задоволителен квалитет и нема утврдено отстапувања од законски пропишаниот квалитет.
Што се однесува на изворот во Билјанини извори, од земени вкупно 19 примероци само еден- земен во месец мај, покажал одредено бактериолошко загадување, но последниот примерок од водата е со добар квалитет. Одредени нарушувања на квалитетот на водата од овој извор се очекува во следниот период поради движење на подземната водена маса и оптовареноста на објектите поради поголемиот број гости во близина на извориштето.
Извршените аналзи кај црквата Св. Петка кај Св. Наум, покажале дека во водата има дезинфекционо средство и нема бактериолошко загадување.
Се проверуваат и селските чешми, каде во текот на годината било утврдено отстапување од квалитетот поради недостаток на дезинфекционо средство и тоа во селото Косел и неколку села во општина Дебрца.