Годинава, за првпат на фестивалот Охридско лето , ќе гостува светскиот водечки виртуоз на виолина, Најџел Кенеди. Како што потенцира музичкиот селектор на фестивалот, Гордана Јосифова- Неделковска, долги години наназад, фестивалот се обидувал да го донесе овој уметник, кој во светот претставува вистинска атракција.

Најџел Кенеди е најпродаваниот класичен виолинист на сите времиња и има снимено десетици концерти кои важат за најпродавани, меѓу кои се Бах, Бетовен, Берг, Брамс, Менделсон, Сибелиус, Чајковски и Валтон.


– Кенеди е единствен по тоа што, освен класичното свирење на виолина, е и одличен џез музичар кој со својот „Најџел Кенеди бенд“ го обиколува целиот свет и приредува концерти кои прераснуваат во вистинско шоу и спектакл. Токму затоа неговиот настап на фестивалот „Охридско лето“ ќе биде со комбинирана програма од класична и џез музика. Во првиот дел уметникот ќе свири соло Бах, а во вториот ќе ни приреди извонредни аранжмани на еден од најпознатите американски џез музичари, Фатс Волер, вели Неделковска.

Најџел Кенеди ќе настапи заедно со Џарек Смиетана (гитара) и Томас Купиец (контрабас).

Концертот ќе се одржи на 16 јули 2011 година во предворјето на црквата Св. Софија.

OhridNews