Во невремето проследено со поплави и одрони кое ја зафати американската сојузна држава Калифорнија, четири лица ги загубиле животите а стотици морале да ги напуштат своите домови.

Маж на 55 години умрел од струен удар кога стебло кое паднало врз неговиот автомобил повлекло со себе електричен вод, соопштија пожарникарите во Лос Анџелес.
Уште две лица смртно настрадале во сообраќајни несреќи близу Сан Диего, нешто појужно, а четвртата жртва се удавила во својот автомобил кого го однел надојдениот порој, пишуваат локалните медиуми. Една жена во автомобил ненадејно пропаднала во дупка која се отворила во улица во Лос Анџелес и така го дочекала доаѓањето на пожарникарите. Жената, за среќа, минала само со полесни повреди.

На жителите на Дуарте, во подножјето на планината Сан Габриел, во близина на Лос Анџелес, им беше наредено да ги напуштат своите домови поради опасноста од порои од кал.

Силната бура од Тихиот Океан го погоди во петокот центарот и југот на Калифорнија следена со силен ветер и дождови кои уривале електрични столбови, поради што без електрична енергија останале околу 60.000 луѓе во околината на Лос Анџелес.

Американската метеоролошка служба предупреди на нови поплави во текот на викендот во оваа сојузна држава на западот од САД, која зимово по долгогодишните суши ја зафатија повеќе бури. Метеоролозите најавуваат дождови и снег деновиве и на северот од Калифорнија. Во оваа област речиси 200.000 луѓе мораа да ги напуштат своите домови кога во невремето минатата седмица беа оштетени преливниците на највисоката брана во САД. Тие во вторникот се вратија во домовите.

OhridNews
извор Макфакс