25 деца од предшколска возраст од селото Лескоец  од денес ќе бидат згрижени во новата група  при ЈОУДГ„Јасна Ристеска“, која ќе функционира во рамки на основното училиште во селото, „Ванчо Николески“. Реновираните простории од 150 метри квадратни , денес беа свечено отворени во рамки на одбележувањата по повод празникот 11 октомври.

Како што информира ВД директорката на градинката, Розе Костоска, интересот за запишување во групата во Лескоец е голем и се надева дека во иднина ќе се создадат услови за отворање и на градинка  , која во целост ќе ги задоволи потребите на жителите од ова село.

Капацитетот на овој простор е  40 деца, а заинтересирани за запишување има околу 60. Во оваа група ќе бидат згрижени новозапишани деца, додека оние кои веќе беа претходно запишани ќе продолжат да ги посетуваат градинките во Охрид. За дечињата во оваа група ќе се грижат една воспитувачка и една негователка, а храната ќе се подготвува во централниот објект од каде секојдневно ќе се носи тука. На 22 октомври ќе започне со работа и втората група во рамки на овој објект , изјави Костоска.

Градоначалникот Никола Бакрачески изјави дека отворањето на новата група во Лескоец се вбројува меѓу најуспешните реализирани проекти на новата локална самоуправа, пред се поради значењето за семејствата  од Лескоец и нивните деца .

Проектот се реализира со 500.000 денари средства од локална самоуправа, во координација со министерството за труд и социјална политика,  а со помош и на локални донатори и спонзори . И понатаму ќе продолжиме да создаваме услови за згрижување на најмладите во вон градските средини, рече Бакрачески.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов,кој присуствуваше на свеченото отворање, потенцира дека со отворањето на групата, локалната самоуправа дава позитивен пример за грижата кон најмладите и  верува дека примерот ќе биде следен и во останатите општини.

Со овој потег се создаваат услови и во ова населено место да се згрижат и воспитуваат децата во непосредна близина на нивните домови. Наскоро ќе започне со работа и група во селото Велгошти со што дополнително ќе се зголеми капацитетот на згрижените  деца во градинките, изјави Спасов.

Министерот додаде дека од страна на министерството постојано се следи состојбата околу недостигот на кадар во охридските градинки. Досега се издадени пет согласности за нови вработувања во Охрид, а во наредниот период ќе се изнаоѓаат начини како да се помогне и дополнително да се зголеми потребниот број на вработени во градинките.

Т.К.