Во рамки на наставната програма и изучувањето на темата „Водата еден од неопходните услови за живот на Земјата”, учениците од О.У “Св.Климент Охридски” ја посетија МЈП Проаква Р.Е.Водовод-Охрид.

Учениците се запознаа со основната дејност на работењето на претпријатието, имаа можност да видат дел од каптажите и пумпите кај Билјанини извори, а одстрана на вработените им се беше објаснат процесот како водата од изворот стигнува до нивните домови. Основците го посетија и одделението за поправка и баждарење на водомерите и работилницата каде се запознаа со технолошкиот процес на подготовка на водомерите пред нивно монтирање во водоводната мрежа.

Учениците покажаа голем интерес за дејноста на Водовод Охрид, поставија повеќе прашања, а од страна на Водовод – Охрид на посликовит начин им се објасна значењето на водата и потребата од нејзино штедење и заштита од загадување.

Како што потенцираат од Водовод- Охрид, целта на соработката со училиштата е формирање позитивни ставови и стекнување навики за користење, штедење на водата и заштита од загадување, запознавање со поимите здравствена исправност на водата за пиење, одржување на хигиената, чување и унапредување на здравјето на луѓето и животната средина, подигање на еколошката свест кај учениците , како и подигнување на јавната свест за значењето на водата како еден од најважните фактори за опстанок на човекот.

OhridNews