„ Возете како секое дете на улицата да е ваше дете“, „ Да ги сакаш децата значи да се грижиш за нивната безбедност во сообраќајот“ ова се пораките кои најмладите од детската градинка „ Јасна Рисетска“ им ги упатија денес на возачите во рамки на едукативниот час кој се одржа во заедничка организација со Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот, а со поддршка на СВР Охрид и Секторот за образование при локалната самоуправа.
Пораката која сакаа да ја упатат децата до учесниците во сообраќајот е да бидат внимателни, да ги почитуваат сите сообраќајни правила и прописи со цел побезбеден живот на децата и останатите учесници во сообраќајот.
– Целта на оваа активност е уште од мали нозе да ги научиме како треба правилно да се однесуваат во сообраќајот, како во рамки на проектот Бон Тон така и во рамки на проектот „ За мојот пријател полицаец“ кој во нашата градинка се реализира веќе втора година по ред. Со ова сакаме да ги научиме децата како да се однесуваат во сообраќајот од мали нозе што ќе им остане како трајна вредност, истакна директорката на ЈОУДГ „ Јасна Ристеска“, Розе Костоска.
Во проектот вклучени се и родителите кои за оваа пригода заедно со своите деца ги изработија паролите на кои беа испишани пораките до возачите.
– Ова е уште еден едукативен час наменет за децата за тие практично да видат како функционира сообраќајот, кои се оние елементи кои мора да ги знаат и почитуваат и воедно да се грижат за својата безбедност на раскрсница како пешаци и да ги запознаат правилата за безбедно поминување на раскрсниците, вели претседателот на општинскиот Совет за безбедност во сообраќајот, Стефан Димоски.
Димоски потенцира дека општинскиот совет и понатаму ќе продолжи со реализација на едукативните часови и проекти наменети за зголемување на безбедноста на најмладите во сообраќајот.
Т.К.