На пригодна свеченост, денес, од страна на претставник на Националната комисија за оценување проекти, на општинскиот Црвен крст му беше доделен пехар, за постигнатата највисока оценка за програмата „Црвен крст во акција – Промоција на хумани вредности“ (ЦКА-ПХВ).
– Особено ми е драго што еве по втор пат се наоѓаме во Охрид. Овие млади луѓе имаат капацитет да направат големи промени во вашата заедница. Не се сомневајте во промените кои може да ги направи мала група на луѓе, ентузијасти затоа што тие се единствените кои може да ги направат промените. Вие сте доказ за сето тоа што се случуваше, рече претставникот на Националната комисија за оценување проекти, Александра Ристоска.
Во последниот циклус на ЦКА-ПХВ програмата од 2013-2014 година, тимот на ПХВ на Црвен крст Охрид со преку 30 младинци изработи 6 проекти преку кои на директен начин им помогна на повеќе од 100 лица од Охрид.
– Заедно се радувавме, бевме тим во кој секој од секого учи. И ако само еден од нас недостигаше, тогаш овој пехар немаше да биде во нашите раце, изјави десиминаторот на тимот на ПХВ, Јованка Сион- Доленц.
Задоволство од добивањето на пехарот, кој е круна на заложбите на младите волонтери кои не ја штедеа својата енергија и време за да се реализираат проектите, искажа и претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.
– Ова е тим на млади луѓе, тим кој секогаш победува и секогаш е на трон од едноставна причина- што нивната енергија, ентузијазам, жар вклопени во чуството на хуманост се насочени кон оние на кои помошта им е потребна. Таквите луѓе треба да се наградуваат и треба да се охрабруваат и да бидат пример за сите млади луѓе. За среќа во овој град имаме такви луѓе кои и понатаму ќе бидат водилка и темел на оваа заедница, потенцира Точков.
Честитки до младите волонтери, учесници во проектите упати и градоначалникот Никола Бакрачески.
– Особено сум горд, што токму младите од нашиот град, како дел од организацијата на Црвен крст, оваа година го понесоа највисокото признание за хумани вредности, пехарот за најмногу успешни проекти со благородна идеја.Сигурен сум дека за ваков успех потребна е голема желба и мотивација, многу часови работа и многу хуманост и свест да им се помогне на луѓето во неволја. Добивањето на ова највисоко признание за „Промоција на хуманите вредности“, покрај тимот на Црвен крст, треба да не мотивира и нас и целокупната локална заедница да се приклучиме кон акциите за помош на ранливите групи граѓани.Само преку такви активности се промовира хуманоста, се гради взаемно разбирање и почитување, толеранција и култура на дијалог, како основа за градење современо мултикултурно општество, рече градоначалникот Бакрачески.
ПХВ е програма која со години наназад континуирано се имплементира во Македонија од страна на организациите на Црвениот крст. Целта е вклучување на младите во заеднички проекти за помош на ранливите категории, преку кои ќе се гради взаемно разбирање, толеранција и култура на дијалог, како основен предуслов за создавање на интеркултурно општетство. Во рамките на програмата и активностите за Промоција на хумани вредности, Црвен крст Охрид од 2004 година до денес реализирал преку 100 проекти во чија имплементација активно учествувале повеќе од 500 млади, кои промовирајќи ги вредностите и принципите на Црвениот крст, помогнале на повеќе од 100 семејства во локалната заедница.
Црвен крст Охрид и во 2011 година беше носител на највисокот признание Пехар на ПХВ програмата.
Т.К.