Дел од рибната чорба која вчера се подготвуваше во рамките на манифестацијата Денот на рибарите, заврши како донација во повеќе институции во градот. Најранливата категорија граѓани, имаа можност да го вкусат специјалитетот подготвен од страна на средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“, а спонзориран од охридската фирма „Дасс инженеринг“.

Од ОО на Црвениот крст Охрид, информираат дека чорбата заврши во вистински раце, како што беше претходно најавено. Граѓаните од различните социјални слоеви, преку хуманиот хест на организаторот, бесплатно се уверија во вкусната чорба.

Нашата организација ја подели чорбата на повеќе институции. Поголема количина беше донирана во Студентскиот дом „Никола Карев“, во чии рамки функционира народната кујна. Потоа во Центарот за јавно здравје, во градинката „Јасна Ристеска“, Специјалната болница „Св Еразмо“, Дневните центри за попреченост „Доброљубие“ и „Зраци“, Одделението за геријатрија, Кардиолошкиот завод, а по неколку килограми во рестораните „Чун“, „Далга“ и пицеријата „Немо“.“ – велат од Општинската организација на Црвениот крст од Охрид.

Директорот на Студентскиот дом „Никола Карев“, Марјан Ристески, изрази благодарност што 83 корисници во народната кујна, имаа можност да го вкусат охридскиот специјалитет.

Социјално ранливата категорија граѓани која се храни во домот, ја  вкусија чорбата која се приготвуваше на Денот на рибарите. На овие луѓе секогаш им е неопходна помош, а голем благодет претставува тоа што некој се сети на нас. Се надеваме дека ваквите проекти ќе продолжат и во иднина.“ – истакнува Ристески.

Од Одделението за геријатрија, задоволни што организаторот и Црвениот крст дури на два пати донирале од вкусната рибна чорба. Главната сестра во одделението, Соња Илоска, смета дека градот и организаторот преку ваквиот подвиг, придонеле за промоција на Охрид пред светската јавност.

Рибната чорба всушност претставува симбол на нашиот град. Многу голема чест е тоа што охриѓани се почесто помислуваат на геријатриското одделение. Чорбата ја дегустиравме на два пати, а пациентите и персоналот се задоволни од овој хуман гест. Апелираме до сите кои се во можност, повторно да навратат во нашата установа, бидејли нашите пациенти сакаат да се во контакт со надворешниот свет.“ – потенцира Илоска.

Инаку, чорбата се приготвуваше на вчерашната манифестација Денот на рибарите, при што беше соборен Гинисовиот рекорд кој сега изнесува 3 300 килограми рибина чорба.

О.Т.

Охрид подготви чорба за Гинис, до бурето со црвено вино прв доплива Петар Рупески

Денот на рибарите низ објективот на OhridNews