Детското одделение во Охрид се уште функционира со скратено работно време, а пациенти се препраќаат на одделот педијатрија во Струшката болница. Од детското одделение во Струга велат дека дека зголемен број на пациенти имало во текот на изминатиот месец, а дека сега бројката се намалува и ситуацијата се стабилизира.
Пациенти доаѓаат од Струга, Охрид и околината. Имавме многу пациенти до пред една недела речиси во текот на целиот изминат месец, сега за среќа бројот е намален и можеме да излеземе на крај. Пациенти од Охрид повеќе доаѓаат во трета смена, бидејќи во прва и втора смена работат двајца доктори на Детското одделение во Охрид. Ние сме шест педијатри и сега за сега, работата тече нормално и можеме да постигнеме, вели Д-р Бујар Превала, шеф на оддел педијатрија во ЈЗУ Струга.
Д-р Превала додава дека кај пациентите најчесто биле регистрирани случаи на настинки и вирусни инфекции, но имало и случаи на Ковид кај децата кои се лекуваат во струшката болница, а во случај на влошена состојба се препраќаат на детската клиника Козле во Скопје.

Според Д-р Нора Абази Емини од Клиника за детски болести – од одделот нефрологија Скопје, причина за дефицитот на кадар е и немањето државна стратегија за недостиг на кадри за да се види што недостига и за што мора да се одредат специјализации, наместо лекарите да специјализираат по желба како што е случајот во државава.
Дефицитот на педијатри сега почнува. Ние ќе се соочуваме со пациенти којшто не се следени соодветно и ќе се испратат на клиника многу доцна, или нема воопшто да се открие дека пациентот има одредена болест. Така да педијатрите се многу важни и таа политика требаше да се размисли пред 10 години кога се правеа планови за специјализација на педијатри. Во другите држави, лекарите не специјализираат по желба туку по она што има дефицит. Што значи дефицитот на педијатрите за државата ќе се види за неколку години, вели Д-р Абази Емини.
Дека педијатријата како гранка е на изумирање, согласен е и Проф. Д-р Велибор Тасиќ, специјалист педијатар нефролог. Д-р Тасиќ потенцира дека примарното здравство е многу важно, затоа што од таму започнува процесот на дијагностицирање на одредена болест, а матичниот лекар е тој кој треба да го упати пациентот кај одреден специјалист.
Педијатрите се специјализирани и едуцирани за третман на деца, детето припаѓа кај педијатар, а не кај фамилијарен доктор. За година две 10-15 врвни експерти професори одат во пензија и тогаш ќе имаме исклучително тешка ситуација ,заклучува Д-р Тасиќ.
К.А.














