Цревните заразни заболувања се едни од најшироко распостранетите во светот, кои обично доминираат во летниот период со покачувањето на темературата на воздухот. Ако се знае фактот дека летните инфекции својот зенит го достигнуваат во месеците јули и август, граѓаните треба да ги почитуваат мерките за заштита и превенција од можни несакани стомачни заболувања.


Како што информираат од Центарот за јавно здравје-Охрид, за разлика од минатата, оваа година драстично е намален бројот на лица кај кои е регистирано стомачно заболување. Како причинители можат да се јават бактерии, вируси и паразити, а воглавно симптомите се мачнина, болки во пределот на стомакот, повраќање и дијареа.

„Во Охрид во периодот од мај до јуни нема зголемен број на заболени од цревни заразни заболувања според податоците кои ги имаме добиено. Доминантен начин на пренесување е фекално орален, но исто така може да се пренесе по хидричен и контактен пат. Главни симптоми се болки во стомакот, гадење, повраќање, дијареа и мачнина, додека кај дел од лицата се јавува и висока телесна температура карактеристична за бактериските заболувања.“ – вели д-р Јованка Стурлакова – Коровешовска, специјалист по епидемологоија при Центарот за јавно здравје – Охрид.


Д-р Стурлакова – Коровешовска потенцира дека најдобра превенција од евентуално заболување е оддржување на личната и колективна хигиена, бидејќи нечистите раце се главниот фактор за пренесување на инфекциите.

Бидејќи се работи за заболување од фекално орален карактер, многу е важно да се спречи фекалната контаминација на вода, храна, раце, а на околината треба да и се обезбеди доволна количина на исправна вода за пиење. Тука е и хигиенската диспозиција на фекалните материи, оддржување на лична и колективна хигена, редовно миење на рацете, уништување на глодачите и мувите и правилна хигиенска диспозиција во самиот процес на производство чување и дистрибуција на храната. Исто така, потребно е здравствено воспитување на населението, со цел на граѓаните да им се укаже за начинот на пренос и мерките за заштита од заразните заболувања.“ – потенцира д-р Стурлакова – Коровешовска.


Докторите предупредуваат дека летните горештини и наглите климатски промени условуваат неправилно чување на прехранбените производи, кои можат да бидат причини за труење со храна карактеристично во летниот перииод.

Најчести причинители на стомачните инфекции се ентеро вирусите, а покрај фекално оралниот начин на пренесување, може да се добијат од водата за пиење, водата за капење и конзумацијата на брза храна во летниот период. Вирусот е високо котагиозен, што значи дека заразеното лице за краток период инфекцијата ја пренесува на други.“ – вели д-р Сузана Новакоска Дујковиќ, од поликлиниката „Кардиолаб Маџаров“.


Таа истакнува дека лекувањето на стомачните заболувања зависат од тегобите, додека времетрањето на симптомите се движат од 12 до 24 часа, па до неколку денови кај оние со потешка клиничка слика.

Лекувањето е најчесто со инфузиона терапија, а доколку се јави дехидратација лицата се упатуваат на инфективното одделение. После заболувањето се препорачува поцврста храна, а една од препораките за заштита од овие инфекции се конзумирање лесна храна со почести оброци, внесување на добро измиено овошје и зеленчук во поголеми количини, пилешко месо и риба, јогурт, овошни и растителни чаеви, негазирана вода и солена супа.“ – додава д-р Новакоска Дујковиќ

O.T.