Во Охрид се евидентирани 430 семејства корисници на социјална парична помош. Тие примаат месечно по 2.170ден. Оваа парична помош за загрозените семејства се зголемува во зависност од бројот на членовите на семејството.
Во Центарот за социјална работа Охрид, истакнуваат дека постојана парична помош примаат 120 работно неспособни лица кои месечно добиваат по 3.335 денари. Овој износ се зголемува во зависност од состојбите во семејството. Секојденевно околу 80 најзагрозени семејства топлиот оброк го добиваат во народната кујна сместена во Студентскиот дом “Никола Карев“. Во соработка со општинската организација на Црвениот крст на најзагрозените им се помага и со соодветна хуманитарна помош.
Според директорот на Центарот за социјална работа, Екрем Каљоши, во последниве неколку години евидентиран е помал број на социјални случаи.
-Редовно се вршат контроли дали некое лице заслужува социјална помош или има и други приходи. Кај работоспособните лица се следи нивната состојба и во одреден период може да се промени на подобро, односно да се вработат или да остварат приходи по разни основи. Ваква помош, можат да добијат лица само со соодветни медицински уверенија, објаснува Каљоши.
Во Центарот истакнуваат дека во септември и октомври оваа година е зголемен бројот на баратели на социјална помош. Воглавно, се работи за лица кои во текот на летото успеале да обазбедат некоја работа и приход а сега повторно бараат парична социјална помош.
-Во изминатите неколку години на социјално најзагрозените семејства им се дадени 70 станови што значи решавање на нивниот најголем проблем за обезбедување на постојано живеалиште. -истакнува Каљоши.
Илустрација: Борис Ѓорѓиоски