Натпреварувачката комисија при РФМ ја прифати жалбата на РК Охрид 2011 и ја промени одлуката на Комисијата за спроведување натпревари. Комисијата одлучи РК Охрид 2011 да се казни со играње на еден натпревар како домакин без присуство на гледачи, односно натпреварот против екипата на РК Лазарови од Свети Николе.

Потврдена беше казната од 15000 денари за Охридскиот клуб што во актуелната финансиска ситуација претстаува половина од моменталниот буџет на клубот. Ако на тоа се додадат и 5000 илјади денари кои беа уплатени на сметка на РФМ за да се разгледа жалбата (во спротивно РФМ не ја ни започнува жалбената постапка), вкупните финансиски трошоци на РК Охрид 2011 кон РФМ се 20000 денари, што е премногу – вели претседателот на клубот Атанас Поп Стефанија.

Позитивната страна од изменувањето на одлуката е тоа што на стартот на втората полузесона на домашен терен, со полни трибини ќе ја пречекаме екипата на Пелистер Јуниор, натпревар кој многу ќе значи и за двете екипи кои водат мртва битка второто место во лигата.

Од клубот испратија апел до навивачката група “Рибари“ во кој се молат во иднина да се воздржуваат од било какви инциденти.  – Ние со срце играме за вас и за Охрид, но казните кои ги плаќаме можат да го стават под знак прашалник финансискиот опстанок на клубот – велат од РК Охрид 2011.

М.П.