Се намалуваат давачките на охриѓани кон јавното претпријатие Градски гробишта и се сведуваат на само 600 денари на годишно ниво. Ваква одлука денеска донесе советот на општина Охрид на предлог на локалната самоуправа.
-Како што ветивме во предизборието, од оваа седница на совет пристапуваме кон намалување на цената на гробарината. Во минатото на име на гробарина годишно граѓаните плаќаа по 720 денари. Со стабилизацијата на претпријатието и по анализите кои ги направивме сега пред советот излегуваме со цена од 600 денари годишно, што значи дека го отпочнуваме процесот на намалување на цената на Гробарината. Како што ќе се стабилизира претпријатието ќе имаме и нови прогресивни намалувања на цената на гробарината и во 2015 и 2016 година.- изјави секретарот на општина Охрид Димитар Спасески.
Задоволство од донесената одлука искажаа и советниците од мнозинството. Советникот Дејан Пановски, смета дека висината на оваа давачка може уште да се намали.
-Задоволен сум што ЈП Градски гробишта ги намалува цените за гробарина која сега ќе изнесува 600 денари што е половина од првичните 1200 денари, затоа што тоа беше и е наше залагање уште од минатиот мандат, а и секако ќе влијае врз домашниот буџет на граѓаните. Нормално се надевам дека ЈП Гробишта ќе достигне економски статус и можност до крај на мандатот цената на таканаречената гробарина биде во висина на тоа што тежнеевме и тежнееме, а тоа е износ од 200 денари годишно. Со економско стабилизирање по наследениот хаос верував дека тоа е можно, истакна од говорницата советникот Дејан Пановски.
OhridNews