Ненадејното намалување на маржите за трговија со горива од 4.5 на три денари, односно за 33 отсто, што историски претставува најниска маржа за трговците, создаде непазарни услови кои ќе доведат до криза со снабдувањето со нафта и нафтени деривати. Имајќи ја предвид нагласено тесната поврзаност на редовната испорака на горивата со нормалното функционирање на општеството, постои сериозен ризик за целосна блокада на економијата, не само на краток, туку и на подолг рок, предупреди денеска „Макпетрол“.
Ваквите мерки, кои што регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ и останатите институции ги носат без никаква консултација со трговците, во овој случај тие со нафта и нафтени деривати, се несоодветни на глобалната криза од која што особено се зафатени компаниите што се занимаваат со снабдување гориво. Овој сектор изминативе недели веќе работи со загуба поради несоодветната методологија за пресметка, што доведува набавните цени да се повисоки од постоечката малопродажна. Со дополнителното намалување на маржите, загубите ќе бидат огромни. Укажуваме дека тоа може да принуди одредени трговци да престанат да продаваат гориво, а тоа е опција која што и „Макпетрол“ сериозно ја разгледува – истакнуваат од компанијата.


Воведувањето нова маржа за трговците со горива, односно нејзиното драстично намалување за 33 проценти од 4.5 на три денари, ќе ги принуди сопствениците да ги затворат бензинските станици, вели Гоце Хубрев, претседател на Здружението на брендирани и приватни бензински пумпи, кои што работат во источниот дел на Македонија.
Маржата и претходно беше навистина мала, но со сегашното намалување нашите загуби ќе бидат екстремно високи. Тие што ги носат овие одлуки треба да имаат предвид дека иако маржата се намалува, придонесите остануваат на исто ниво, што значи дека ние и понатаму треба да исплаќаме плати како маржата да не е променета. Дополнителен проблем, што се провлекува со години, се и дивите, подвижни, бензински станици кои што нелегално функционираат на паркинзи и каде што гориво се продава и купува во буриња. Поради сите овие крајно непазарни услови, ние нема да имаме избор и ќе ставиме клуч на нашите бензински станици – предупреди Хубрев.
Г.М.











