Со типизирани предавања и низ интерактивен пристап, Секторот за внатрешни работи Охрид, заедно со Црвениот крст, деновиве отпочна со реализација на проектот „ Дрога-вистина и заблуди„ .


Проектот е дел од превентивното делување на Полицијата во сузбивањето на нарко-криминалитетот и против болестите на зависност. Со оглед на фактот дека опаѓа старосната граница на нарко-зависниците, СВР Охрид, проектот го реализира низ Основните училишта во Охрид каде на учениците од петто до осмо оделение, низ презентација, им укажува на опасностите и негативните психо-физички ефекти од злоупотребата на дрога.


Проектот „Дрога-вистина и заблуди„ има едукативен карактер  со цел стекнување на основни  познавања за штетното влијание на дрогата по физичкото и менталното здравје врз човечкиот организам, како се создава психо-физичката зависност која доведува до тотално уништување на организмот, кои се начините и методите за превенција од дрога и сл. Покрај учениците од основните, целни групи на проектот се и учениците од средните школи и родителите.

Според аналитичките податоци на СВР Охрид, годинава е забележан  пад на регистрирани нарко зависници на возраст од 15 до 18 години. Од 11 регистрирани во 2008 година, сега бројката на регистрирани наркозависници од оваа возраст изнесува 4.