Немилиот настан од пред неколку дена кога девојче беше прегазено бегајќи од домашно куче, го наметна прашањето зошто воопшто не се почитува законската обврска за шетање на кучињата со маски или ремени. И зошто надлежните не ги казнуваат сопствениците и покрај тоа што ова не е првиот случај некој да настрада.
“Неодамна се шатав со своите две внуки на патеката кон Горица и едно големо куче се затрча кон нас и внуките буквално се преплашија да не ги касне, затоа што беше навистина големо. Кога го опоменав сопственикот зошто не го чува на ремен или барем со маска, тој ми одговори дека е мирно куче и дека нема потреба од тоа, а мене ми беше потребно долго време за да ги смирам внуките од стравот кој го претрпеа”, вели еден наш возрасен сограѓанин. “ Јас лично немам верба во кучињата, а и има луѓе кои не поднесуваат животни и се вознемируваат кога им приоѓаат, затоа мора сопствениците да ги држат на ремен и го контролираат нивното однесување” , додава тој.
Тони Танкоски, доктор по ветеринарна медицина вели дека сопствениците ги купуваат маските за кучиња, но претежно ги чуваат дома, затоа што милениците не ги поднесуваат. “Проблем е што сопствениците не ги навикнуваат кучињата од мала возраст да ги носат, а кога тие ќе пораснат на година, две за нив тие претставуваат страно тело. Затоа треба од почеток, на два до три месеци старост, да им ги ставаат на кучињата и да им создадат навика” .
Според Законот за ветеринарно здравство, комуналните инспектори се надлежни на сопствениците кои не ги почитуваат законските одредби, да им земат лични податоци и да поднесат прекршочна пријава која потоа се проследува до судот. За овој прекршок предвидени се парични казни и до 25. 000 денари.