Три години по купувањето од страна на компанијата „Сахара Глобал Македонија“ сопственост на семејството на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој, хотелот Славија кој се наоѓа на атрактивна локација на првата брегова линија во месноста Св. Стефан во Охрид, и натаму е затворен. Во 2014 беше соопштено дека Славија нема повеќе да работи како хотел туку ќе служи како резиденцијален објект за потребите на компанијата. Имотот беше физички затворен од сите страни, заедно со плажата пред него, која подоцна под притисок на јавноста и инспекциските служби повторно беше отворена.

Откако Субрата Рој западна во финансиски проблеми во родната Индија за што се до неодамна беше зад решетки, уследија бројни шпекулации, од тоа дека компанијата ќе го продаде хотелот до тоа дека ќе го изнајми на друг корисник. По неколкумесечен молк во октомври 2015 година, „Сахара Глобал Македонија“ со соопштение ја извести јавноста дека донела одлуката да го реновира хотелот Славија во луксузен туристички комплекс.

 „Сахара во секој момент ќе започне со реновирање и реконструкција на хотелот кој беше купен во 2013 година. Проширувањето и реновирањето ќе биде изведено според планот на група архитекти и дизајнери на ентериер од Македонија, со поддршка на тимот за ентериер на Сахара од Мумбаи, Индија. Хотелот е дизајниран да биде првокласна туристичка дестинација, како и совршено место за светски конференции, корпоративни настани и венчавки.” – соопшти на 09.10.2015 Сахара Глобал Македонија.

Но, од ваквите најави засега нема ништо. Дознаваме дека во внатрешноста на хотелот биле извршени мерења на статиката и биле правени одредени планови за преуредување, но извесно е дека реконструкција, ниту било каков друг градежен зафат, барем засега, нема да има.

-Навистина не ми се познати кои дополнителни активности се преземени во хотелот, знам дека до сега никој не поднесол барање до локалната самоуправа за реконструкција и адаптација на просторот за ние да бидеме во тек со настаните кои се одвиваат на тој локалитет. Според моите сознанија тој објект и натаму е во сопственост на „Сахара Индија“ групацијата така да не знам какви се нивните планови за понатака. – изјави градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.

Сахара групацијата се поврзуваше и со мега проектот за изградба на луксузен туристички комплекс со хотел на вода и марина во Љубаништа, за што државата отпочна експропријација на голем имот во сопственост на локалното население и на Дебарско кичевската епархија, кои жестоко се противат на таквата идеја.

-Извршена е некаква експропријација тука, што не е во ред без знаење на жителите кои од разговорите што ги имаме не се заинтересирани за отуѓување на имотот. – вели жител на Љубаништа.

И покрај нашите обиди не успеавме да стапиме во контакт со Сахара групацијата во Македонија за да не информираат околу нивните бизнис планови во земјава, во кои освен комплексот во Љубаништа и хотелот Славија во Охрид, беше и агрокомбинатот Џумајлија за кој компанијата плати пенали бидејќи не отпочна со работа. 

Г. Момироски