Како што објаснува Наумоски, неминовна е нивна заштита од штетници и заболувања, затоа што природната и здрава шумска почва има значително повеќе воздушни пори кои се наоѓаат во поголеми длабочини во самата почва, каде се формираат долги канали во кои се собира вода која понатаму истекува во подземните патишта и се влева во Охридското езеро. Колку почвата во својот шумски појас е поровкаста и растресита може да прими и акумулира поголема количина вода, а притоа нејзиното истекување е поспоро односно трае подолг период од годината и истата еколошки е најчиста.
– Сите површински води и подземните извори се производ на дождовите кои паѓаат во текот на годината и топењето на снегот во самото сливно подрачје. Колку една река или извор ќе биде активен во текот на годината или некој подземен извор ќе поседува вода која подземно се влева во езерото зависи од капацитетот на шумските зелени појаси во самото сливно подрачје, додава Наумоски кој големите осцилации на нивото на водата во Охридското езеро ги поврзува токму со состојбата на шумите во сливното подрачје на езерото.
Ваквата иницијатива Наумоски бара да биде опфатена со Локалниот еколошки план кој се изготвува за период од 15 до 20 години.
Во сливното подрачје на Охридското Езеро, вклучувајќи го и струшкиот дел со општините Струга и Вевчани, вкупната застапеност на шумските зелени појаси изнесува над 60 000 хектари.