Со фабрика за производство на компост и погонско гориво, Охрид ќе го решава проблемот со комуналниот отпад.

Како што беше истакнато на денешната презентација на  проектот „Охрид- град без комунален отпад“, станува збор за исклучително значаен проект.

-Охрид е најчист град во Македонија и се надевам дека откога ќе се реализира овој проект, ќе го носиме епитетот најчист град во овој дел од Европа, рече претседателот на Советот на општина Охрид, Душко Јаковчески.


При преработката на комуналниот отпад не би се ослободувале никакви токсични материи, ниту пак непријатни миризби, рече на презентацијата директорот на ЈП Охридски комуналец, Сашо Алчев.

Не е доволно Охрид да е најчист град, а отпадот и натаму да го депонираме на Буково, депонија која не ги задоволува европските стандарди. Таму годишно се депонира половина тон отпад, кој со изградба на фабрика за отпад би се користел за производство на компост и енергија, погонско гориво кое ќе се продава.Со овој проект нема да има селекција на отпад, освен тој за хартија. Мешаниот отпад се носи во фабриката за отпад, која целосно е автоматизирана, се добива биоразградлив отпад, суровини од хартија, пластика, стакло и погонско гориво. Само неупотребливиот отпад ќе се одлага во посебна депонија, која нема да биде на Буково, рече Алчев.


Според направените анализи фабриката ќе преработува до 20 тони на час, колклу што за тој период се создава отпад во Охрид, објасни Алчев. Ќе ја опслужуваат 25-40 вработени, а во истата ќе има можност да се преработува и отпад од други општини, кои ќе плаќаат за услугата.

Фабриката би се градела по пат на меѓународен тендер, а доколку нема опструкции фабриката би можело да биде функционална за една година, рече Алчев.


Идеја на општината и јавното претпријатие е оваа фабрика да се изгради на просторот на компанијата ЕМО, каде би се користела една хала и простор за привремено складирање на отпадот и административни простории.

-Оваа фабрика мора да се изгради во индустриска зона, бидејќи ЕМО е во таква зона, идеја на градоначалникот Александар Петрески е пред да изврши продажба на фабриката, еден погон заедно со делот за  механизација, да се отстапи на градот Охрид, рече Алчев.

Инвестицијата за изградба на фабриката се проценува на 3,5 милиони евра.

OhridNews