Предлогот го даде советникот од ВМРО- Народна партија, Јоне Станковски, кој потенцира дека минатата година, иако усвоената програма за поставување урбана опрема во целост се реализирала, се повторил хаосот во летниот период.
– Голем беше бројот на поставени тезги без одобрение. При тоа, вината ја гледам во инспекциските служби, но не само кај оние кои функционираат во рамки на локалната самоуправа, туку и останатите. Свесни сме дека и годинава иако ја донесовме програмата за поставување урбана опрема, хаосот ќе продолжи. Затоа предлагам на наредната седница, една од точките на дневен ред да биде и онаа на која ќе се расправа за измени на програмата со кои по должината на кејот би се предвиделе дополнителни локации за поставување на тезги, а во рамки на законските прописи, рече Станковски.
Тој смета дека на овој начин хаосот ќе го контролира локалната самоуправа која повеќе нема да трпи загуби, а не како досега тоа да се поединци.
Летниот панаѓур кој на Охрид му се случува секоја сезона, за кој гостите упатуваат најголем број забелешки и кој воопшто и не му доликува на еден град со долга културна и историска традиција, повеќе од очигледно е дека ќе се повторува секоја сезона. Но, по се изгледа од годинава и со амин од надлежните кои досега покажаа немоќ да се справат со него.