Даниел Јордановски од ГДУ Охрид, кој денеска на прес конференција упати сериозни обвинувања кон претседателот на ОК ВМРО ДПМНЕ Сашо Донев, не сака да се извини за изнесеното на партиската прес конференција и бара дуел во медиумите со него за, како што вели, да ги соочат фактите.

Ве очекувам во секое време и оставам на вас да изберете време, место и дополнително да си земете правници и некој соработник, па ќе ги соочиме фактите и ќе видиме кој каде и зошто. Воедно ќе ја искористиме приликата и ќе поразговараме за УНЕСКО, за дивоградбите, за Џамијата, за партиските вработувања, за дивите плажи, за затвотрениот базен, за игралиштето во Лескоец, за кејот и за многу други работи. Соберете храброст и одберете место. Што се однесува до мене би прифатил и во штабот на ДПМНЕ. – напиша претседателот на ГДУ, Даниел Јорданоски.

Тој денеска ја обвини опозциската ВМРО ДПМНЕ дека влијаела на конкурсот во охридската општа болница.

Кој го доби овој конкурс, тоа сите заедно ќе треба да го прашаме господинот Донев. Се надевам ќе собере храброст и ќе им каже на останатите кандидати зошто не успеале да го добијат ова работно место, кој и зошто го добил. Ништо од зборовите на Мицковски дека нема да дозволи клиентелизам и партиски вработувања,тоа било само за политички поени.  истакна Јордановски.

Претседателот на општинската ВМРО ДПМНЕ, Сашо Донев, обвинувањата од ГДУ ги отфрла како целосно невистинити.

На конкретниот конкурс кој се споменува не беа примени ни најдобро рангираната кандидатка, ни мојата сопруга, токму заради партиска неподобност. Примени беа доктори со понизок успех на тестирањата, додека објавената табела е табела на освоени бодови од успех, стручен испит и странски јазик, а не листа на избрани кандидати. – вели Донев, кој побара во рок од 24 часа јавно извинување од Јорданоски.

OhridNews