Има неколку места на потегот помеѓу Пештани и кампот Градиште од каде се пружаат можеби најспектакуларните погледи кон Езерото – преубави сини води, стрмни карпи, мали диви плажи…


Но, она што природата со милиони години го правела, човековата негрижа го уништува. Покрај патот од страна на езерото, несовесни граѓани во тек на годините нафрлале толку многу отпад, на толку недостапен терен што е прашање дали може некогаш да се исчисти. Има сè што може да замислите. Илјадници пластични шишиња, стаклени шишиња, метални канти, градежен шут, лименки, полураспаднати душеци и се разбира најлонски ќесиња. Оваа делница од регионалниот пат е долга околу 3 километри, а нема ниту еден метер што не е загаден.


– Да не се карпите кои на некој начин го „штитат” езерото, сиот овој отпад би завршил директно во водата – вели Ацо Таламаноски, жител на Пештани кој објаснува: Најлесно им е на луѓето да возат и само да исфрлат амбалажа низ прозорците. Но не можеме само туристите да ги обвиниме. Еве на пр. овој сунѓераст душек или овие теписи сигурно не ги исфлиле туристи туку некои од мештаните. Каде имаат пристап со приколка, таму истураат што не им треба. Уште ќе си насечат и малку дрвца за дома. Вистински „домаќини” – резигниран е Ацо.


Во близина на Десарет, во плитките води има стотици „џепови” во кои се одвива и мрест на пастрмката. Со вакви несовесни „деланија” дополнително се загрозува опстанокот на овој ендемичен вид риба. Дента кога ги правевме овие фотографии, водата од Езерото имаше добиено некоја тиркизна боја од што навистина застанува здив. На многумина тоа веројатно ништо не им значи. Само фрлаат и мислат дека вегетацијата ќе го „сокрие” нивниот отпад.


Додуша на неколкуте одморалишта и паркинг места би можело да се постави некоја информативна табла, да има понекој контејнер или слично.

 
Вакви глетки има само на егзотични места – коментиравме гласно. Но наместо „Национална географија” – локален срам. Како и за многу други работи.

Спаско Костоски
Е КУЛ ТУР, Охрид