До редакцијата на OhridNews стигна допис во кој пациентка се жали на односот на лекар во едно од одделенијата при Општата болница.

Имено, пациентката вчера попладнето отишла на преглед кога на смена биле два лекари. Едниот во моментот прегледувал пациент, па затоа таа се упатила во другата, празна ординација. Кога му се обратила за преглед на другиот лекар, кој во моментот бил слободен и се наоѓал во собата од персоналот, лекарот и се развикал и одбил да го исполне нејзиното барање. – Изговорот беше  дека не исполнувал желби и ми ја тресна вратата буквално пред нос. Жалам само што касно ми текна да ја снимам на телефон како доказ, вели пациентката.

Ова не е единствениот случај во кој пациентите се жалат на несоодветниот однос на лекарите кон нив. Неодамна, до нашата редакција беше испратен допис во кој пациентка се пожали дека лекарите ја упатувале од едно во друго одделение, без да и препишат соодветна терапија. Мора да се напомене дека често пати ваквите случаи се пријавуваат анонимно, без наведување на идентитетот на пациентот.

Од Општата болница потенцираат дека се отворени за било каква поплака или реакција од страна на пациентите. При тоа, се напоменува дека тие можат да се разгледаат доколку се достават до управата на болницата и директорот. По тоа би следело соочување на пациентот и посочениот лекар, по што доколку се утврди дека лекарот е виновен би следувале и соодветни опомени или казни. 

OhridNews