Со Генералниот урбанистички план 2002 – 2012 година, предвидено е на охридското крајбрежје да се изградат неколку пристаништа, налик на старото градско пристаниште. Едната локација е во близина на стадинот во населбата Грашница, второто во Пештани, а третото пристаниште според информациите на локалната самоуправа треба да се гради во близина на Метропол.

Но, иако тече 2012 година не е почната изградбата на ниту едно од планираните пристаништа, а нема ни најава дека тоа ќе се случи во скора иднина. Наместо пристаништа од цврста градба, на иницијатива на Министерството за транспорт и врски на  пет плажи на охридската ривиера ќе се постават понтонски мостови од пластика. Проектот го поддржува и локалната самоуправа од каде информираат дека за негова реализација нема да биде потребна измена на урбанистичките планови, бидејќи понтонските мостови се објекти од времен карактер.

-Ја поддржуваме идејата за изградба на понтонски мостови бидејќи истите ќе може да ги користат сите граѓани, а тие ќе бидат и добра алтернатива додека не се изградат предвидените пристаништа од цврст материјал, велат од локалната самоуправа.

Изградбата на понтонските мостови ќе претставува една од обврските за идните закупци на плажите, кои ќе бидат познати до крај на месецов.

OhridNews