“ Рекламните спотови, билбордите, постерите, саемските штандови – сите тие се од типот – пулите се, чудите се. Гледајте што убавини имаме, одушевувајте се на нашето културно, природно и историско наследство, знајте дека има многу чуда во нашиот убав и мил Охрид. Е арно ама, има само еден мал проблем. Нема како да стигнете до кај нас, односно животот ќе Ви се одмили ако се обидете да дојдете до Охрид”, се потенцира на денешната средба со новинарите. Како што беше кажано, можете да останете и без својот автомобил или некој негов дел, затоа што невозможно е да се поминат 100 метри во континуитет, по било кој пат, без нерамнина, дупка, закрпа, одрон или камен на патот.
“ Наместо Владата да промовира проекти од типот Скопје 2014, со еден куп споменици во центарот на Скопје, требаше да изработи и да промовира проекти од типот Македонија 2014, со неколку нови автопатишта низ целата држава. Тоа ќе значеше развој, и тоа не само на туризмот, туку и на целата економија. Поврзувањето на Охрид со автопат, најмалку од две приодни страни, е реална и насушна потреба за севкупниот развој на општината”.
– За Железничката инфраструктура, Охрид воопшто и не постои, истакнаа од СДСМ. Цели 4 години воопшто не се размислува градов да биде поврзан со железничка линија. Имаше иницијативи за странски инвестиции во оваа област, но за министерот за транспорт и врски тоа воопшто не беше интересно.
Во врска со воздушниот сообраќај, беше истакнато дека оваа Влада, единствено што успеа да направи за Охридскиот аеродром е што го постави претседателот на ОК на ВМРО- ДПМНЕ за директор, кој вработи десеттина партиски војници кои не знаат да работат. Истовремено, Аеродромот е поврзан единствено со Цирих вон летната сезона и тоа со само еден лет неделно. Бројот на патници и летови секоја наредна година е се помал, спротивно светските трендови, согласно кои- секоја наредна година бројот на патниците и летовите расте.
Езерскиот сообраќај, сметаат од општинската СДСМ, е најболната точка од аспект на бројот на жртвите кои секоја година гинат или се дават во водите на Охридското езеро. “ Ниту постојат пристаништа и мостови, ниту соодветни пристапни патеки кон плажите, ниту ред во испловувањето и пловењето. Ниту адекватни законски акти за безбедност на внатрешната водна пловидба што се почитуваат и спроведуваат, ниту постојат адекватни подзаконски акти или стручни и совесни професионалци во Охридската Капетанија, кои сето тоа ќе го контролираат, водат, управуваат и менаџираат по европски терк” .
Од СДСМ потенцираа дека со крајбрежјето и Охридското Езеро стопанисува и менаџира единствено државата.