Додека туристичите градови во околните земји се натпреваруваат кој ќе има поубав Божикен пазар, во Охрид и годинава, ќе бидат поставени познатите тезги на плоштадот кај Чинарот, на кои ќе се продаваат новогодишни украси и честитки. Од минатата година надополнети се со тенди, во сина и бела боја, откако продавачите се жалеа дека ниту тие, ниту производите кои ги продаваат се заштитени од дожд и снег.

Охриѓани секоја година коментираат дека крајно време е тезгите да бидат заменети со дрвени куќарки по теркот на светските туристички центри и западни земји каде речиси и секое помало место има убаво уреден Божикен пазар.

Секоја година истото се коментира и повторно пред новогодишите празници се поставуваат некакви метални тезги. Редно е да се заменат со нешто што е поубаво, јас не знам и воопшто кој уште купува на нив, коментира наша сограѓанка.

Божикен пазар во Германија

Туристичките работници сметат дека Охрид има неколку локации на кои би можело да се направи Божикен пазар, кој би бил атракција и за охриѓани, но секако и гостите кои ги слават новогодишните и божикни празници во Охрид.

Сметаме дека не станува збор за голема инвестиција, само треба желба и иницијатива. Да се набават неколку дрвени куќарки, каде би се продавале домашно подготвени колачиња, топло вино и ракија, плетени производи- ракавици, шал, капи, потоа украси за елки, честитки. ..Ние сме туристичко место и мора да ги следиме трендовите, а не да поставуваме импровизирани и неугледни тезги. Насекаде во светот, околу овие празници луѓето најголемиот дел од своето слободно време го минуваат токму на овие пазари каде се дружат, купуваат, разгледуваат, велат дел од туристичките работници.

Деновиве веќе започна поставувањето на тезгите на плоштадот кај Чинарот. Од јавното претпријатие „Градски пазар“ информираат дека засега ќе бидат поставени пет тезги, со можност за зголемување на нивниот број во зависност од интересот.

Т.К.