Република Македонија и Република Намибија, денес попладне во Њујорк, воспоставија дипломатски односи на амбасадорско ниво.

Амбасадорите на двете земји при Обединетите нации, Пајо Авировиќ и Вилфрид Емвула, го потпишаа Заедничкото соопштение, кое што понатаму, согласно протоколот на Обединетите Нации, ќе биде дистрибуирано до сите земји членки.

Односите меѓу двете држави, според соопштението, ќе се развиваат согласно принципите на заемно почитување, пријателство, немешање во внатрешните работи, како и признавање на територијалниот интегритет и суверенитет на двете земји. Воедно, со овој чин, се отвараат широки можности за продлабочување на соработката меѓу Македонија и Намибија во сите области од заеднички интерес.

Намибија е 133-тата земја која официјално го призна уставното име на Република Македонија.

Намибија е држава во Јужна Африка, на запад излегува на Атлантскиот Океан, додека на север се наоѓаат Ангола и Замбија, на исток се Зимбабве и Боцвана, а Јужноафриканската Република (ЈАР) се наоѓа на југ. Намибија својата независност ја стекнала на 21 март 1990 година преку Намибиската војна за независност. Главен, а воедно и најголем град на Намибија е Виндхук. Намибија има население од 2.1 милион жители и стабилен повеќепартиски систем. Главни компоненти на намибиската економија се земјоделството, сточарството, турзмот и производството и извозот на скапоцени камења. Државата е втора најслабо населена држава во светот, веднаш зад азиската држава Монголија.

OhridNews