Седум лица се повредени, од кои четворица потешко, во неделата вечерта во напад на човек вооружен со нож и шипка во францускиот главен град Париз, соопшти полицијата.
Напаѓачот е уапсен, а како што дознава Би-би-си од полициски извори, наводно станува збор за човек со потекло од Авганистан. Изворот соопштил дека во оваа фаза не постои индикација што укажува на тоа дали е ова терористички акт или не.
Агенцијата АФП соопштува дека меѓу повредените се и двајца британски туристи.
Нападот се случил вчера околу 23 часот во североисточниот дел на главниот град на Франција, а првично напаѓачот со нож прободел двајца мажи и една жена.
Луѓето кои се нашле во близина се обиделе да го запрат напаѓачот, фрлајќи со спортски реквизити по него.
Напаѓачот успеал да побегне, а потоа во една од споредните улици ги нападнал и двајцата британски туристи.
Очевидец за АФП изјавил дека напаѓачот го гонеле околу 20 луѓе, кои четири или пет пати го погодиле со шишиња во пределот главата, но тоа не го одвратило од неговата намера.