Избраниот пратеник од редовите на СДСМ, Мухамед Зекири, кој тврди дека вчера бил нападнат обезбедувањето на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, бара МВР да го расчисти случајот, пренесува „Макфакс“.

„Лица од обезбедувањето на Сашо Мијалков вчеравечер вербално и физички ме нападнаа. Мијалков седеше во кафулето Дион, каде што влегов јас со моите пријатели бидејќи имавме резервирано маса.

Објектот е под видео надзор и сето ова што го зборувам полицијата лесно може да го утврди.

Десетина лица кои седеа на масата со Мијалков дојдоа до нас и побараа од мене да го напуштам местото, затоа што сум бил непожелен. Таму имало приватна забава. Никој никому нема право да му го попречува седењето,а посебно не кога веќе имавме резервација и не се работеше за никаква приватна забава. Откако им објаснив дека имаме уредно резервирано маса еден од нив познат на полицијата, а и нам, ја преврте масата и групата почна да не турка насила кон излезот. Додека траеше турканицата надвор од објектот еден од нив извади полициска легитимација и побара да се идентификувам. Додека ја вадев личната карта да му ја покажам друго лице отпозади ме нападна физички во пределот на главата. Случајот го пријавив во полиција. Дополнително скандалозно е што полицаецот пред кој ја давав изјавата, не сакаше во извештајот да го напише името на Сашо Мијалков. Иако се работи за моја изјава пред полиција, на којашто имам право како граѓанин“, рече Зекири.

Тој побара МВР веднаш да отвори истрага и да го расветли случајот, а смета дека насилниците мора да одговараат.

Во полицискиот билтен стои дека: на 19.02.2017 година во 1.10 часот во ЕИК Скопје, од Ургентен центар „Мајка Тереза“, било пријавено дека кај нив дошло лицето М.З. со повреди, а по негово кажување повредите биле здобиени од физички напад во угостителски објект од страна на непознато лице. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

Утрово, пак од партијата ВМРО-ДПМНЕ стигна демант на тврдењата на Зекири во име на Мијалков во кое се вели дека изјавата што ја дал Мухамед Зекири е целосна лага и клевета.

„Најостро ги демантирам манипулациите дека некој од моето обезбедување го нападнал. Доколку во најкус можен рок не се извини, против него и против медиумите кои шират вакви дезинформации ќе следуваат тужби“, вели Мијалков преку соопштението.

OhridNews
извор: „Макфакс“