Снимателот Владимир Желчески и новинарот Александар Тодевски од порталот А1он биле претепани од страна на учесници на денешниот протест пред Собранието на Македонија, jaви телевизија „Телма“.

Фотографиите од пристигнувањето на Брзата помош првично почнаа да се шират на социјалните мрежи, а информацијата ја потврди главниот уредник на А1он, Предраг Петровиќ.

„Учесници на протестот од зад грб ја нападнале екипата со боксови по глава и со клоци. Им ја одзеле камерата, ја фрлиле на земја, почнале да ја шутираат и целосно ја уништиле. Веднаш била повикана Брза помош и во моментов двајцата се во Ургентиот центар и им се вршат испитувања“, потврди Петровиќ.

Медиумскиот синдикат ССНМ најостро го осудува вандалскиот напад врз новинарската екипа на порталот А1он, којшто се случи вечерва за време на протестот организиран од неформалната граѓанска иницијатива „За зааедничка Македонија„.

„Токму ваквиот однос кон новинарската професија, меѓу другото, придонесува Македонија секоја година дополнително да тоне на меѓународните листи за слобода на печатот и да гравитира поблиску до земји како Северна Кореја, отколку до современите демократии“, велат од ССНМ.

Се огласи и претседателот на ЗНМ, Насер Селмани. „Ова е кулминација на тоа што се случува во последните четири години. Власта на Никола Груевски координирано напаѓа новинарите , со цел да не се известуваат објективно за состојбите во Македонија“.

„Сакам да му порачам на претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Груевски да ги повлече своите насилници“, порача претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани.

„Дури и ВМРО-ДПМНЕ да нема ништо со овој напад, тие директно влијаат на атмосферата со тоа што не ги санкционираа претходните напади“, истакна Селмани.

OhridNews