Со бурни реакции и изрази на незадоволство беше проследена денешната презентација на предлог планот за стариот дел од градот. Голем број од граѓаните бараат планот да не се носи и одново да се изработи.
– Нашата куќа се наоѓа на најатрактивното место во стариот дел од градот, покрај самото езеро. И покрај тоа што мојот татко, пред многу децении местото го купил со злато и куќата ја изградил по издадено одобрение за градба, куќата сега е избришана од планот, заради одредени планирани активности од страна на Завод и музеј. Не ни дозволуваат да извршиме ни приватизација на земјиштето, буквално го обезвреднаа објектот, а местото кое сме го купиле сега испаѓа дека е државно. Ова што се прави е криминал во законски рамки, вели жителка од стариот дел од градот.
Граѓаните реагираа дека по одржаната јавна анкета за нацрт планот не добиле писмено известување околу нивните поднесени забелешки и барања. Како што рекоа , иако планот долго се изработувал воопшто не се задоволни од сработеното.
– Не се земени во предвид сите досега издадени одобренија за градба, планот не е изработен според ажурирани геодетски подлоги . Не може врз извршено авионско снимање да се носи план. За една обична улица се бара геометриско снимање, а за стариот дел од градот се носи план без геометриско снимање. Дадов 200 евра за да се изготви геометриски елаборат, затоа што не беше сниман еден спрат од мојата куќа, дадов пари за да докажам дека имам уште еден спрат, вели граѓанин, некогаш надлежен во охридскиот Катастар на недвижности.
Останатите присутни пак со апел до локалната власт што поскоро планот да биде ставен на седница на совет и конечно да биде изгласан.
– Бурната расправа ја прават неколку луѓе кои ги искористија законските норми за легализација и направија згради, и сега не дозволуваат нивните соседи да градат нешто. Планот е направен, го исчекуваме со години и време е да се донесе, потенцира жител од Варош.
Градоначалникот Никола Бакрачески кој се обрати пред присутните граѓани, истакна дека предлог планот ги поминал сите законски процедури и ги добил потребните согласности од сите надлежни органи.
– Ако мнозинството смета дека има голем број недоследности, односно дека планот не е направен според вашите размислувања, тогаш не треба да биде донесен, но тогаш согласно законските прописи ќе следи многу долга процедура на изготвување на нов план. Не секогаш носењето на плановите е во согласнот со желбите на граѓаните , но за нас е најзначајно почитувањето на законот, не можеме да исполнуваме желби кои не се во согласнот со законот, рече Бакрачески.
Градоначалникот додаде дека обврска на локалната самоуправа е изготвениот предлог план да се достави до советот кој потоа ќе треба да се произнесе и да гласа за или против предлог планот.
Т. Кувенџиска