Бундеслигашот Лајпциг во јануарскиот преоден рок ќе ги засили своите редови со македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, потврди денеска претседателот на италијанскиот првак Наполи, Аурелио Де Лаурентис.

Тој (Елмас) е веќе продаден. Тој секогаш сака да игра. Не беше свесен дека ние го гледаме како играч од почетниот состав, дури и кога нема да го одигра целиот натпревар, изјави Де Лаурентис за италијанскиот весник „Кориере дело Спорт“.

Бундеслигашот Лајпциг сè уште не потврди дека е постигнат договор со 24-годишниот македонски репрезентативец од средниот ред, но италијанските и германските медиуми тврдат дека тоа ќе го направи кога Елмас ќе ги направи задолжителните лекарски прегледи кон крајот на оваа календарска година.

Елмас во Лајпциг ќе го замени 32-годишниот Швеѓанец Емил Форсберг кој по 325 одиграни натпревари во дресот на германскиот клуб ќе се пресели во американската МЛС лига и ќе настапува за Њујорк.

Откако минатата сезона настапи на 36 од 38 натпревари во Серија А во која Наполи по пауза од 33 години ја освои шампионската титула, Елмас сезонава само четири пати се најде во почетниот состав на клубот од Неапол. Досега во италијанското првенство собра 11 настапи на кој постигна два голови. Во Лигата на шампиони на пет натпревари влегуваше од клупата за резервни играчи.

Елмас дојде во Наполи во 2019 година за сума од 16 милиони евра од турски Фенербахче. Во дресот на македонската репрезентација Елмас досега одигра 52 натпревари на кои псотигн 12 голови. Елмас не беше во составот на Наполи на последниот прволигашки дуел против Каљари поради повреда на бутниот мускул.

Доколку успее навреме да се рехабилитира од повредата, Елмас треба да им се приклучи на новите соиграчи во шпанска Ла Манга од 2 до 7 јануари.

Бундеслигата продолжува кон средината на идниот месец, а Лајпциг во првиот натпревар на 13 јануари е домаќин на Ајнтрахт Франкфурт. Новиот клуб на Елмас во моментов е четвртопласиран во Бундеслигата со 33 бодови, девет помалку од лидерот Баер Леверкузен.

OhridNews