Без расправа советот на општина Охрид, на денешната седница, ја прифати предлог одлуката за потребата од прогласување на стариот Чинар (платанус ориенталис) на плоштадот „Чинар“ како „споменик на природата“ и усвојување на елаборатот за валоризација, санација и ревитализација на чинарот. Согласно елаборатот кој го изготви Друштвото за еколошки консалтинг Деконс Ема од Скопје во рамки на проектот на Одделението за заштита и влијание врз животната средина при општина Охрид, единаесет века стариот чинар во центарот на Охрид, ќе биде ревитализиран и соодветно заштитен.
Како што информираа од Деконс Ема, ќе се изврши валоризација на степенот на загрозеност на стеблото, ќе се подготви програма за негова заштита која ќе има за цел да се испита она што е направено претходно како заштита, ќе се изврши подготовка на нова подлога за заштита на дрвото на годишно ниво, долгорочно и стабилизација на крошната. Во елаборатот за валоризација содржана е и програма за одржување на Чинарот и долгорочна заштита, за што од општинскиот буџет треба да бидат обезбедени околу 15000 евра годишно.
Процедурата на прогласување на Чинарот за споменик на природата започнува со одлуката на советот, која треба да биде проследена до министерството за животна средина каде со акт ќе се изврши прогласувањето на споменик на природата.
Во иднина слична постапка ќе има и за другите чинари во Охрид, како и и на познатиот кочеџик кај црквата Св. Богородица Перивлепта.
OhridNews












