Избраниците на охридскиот стратег Драган Бочевски против Дрита ја забележаа втората победа на контролните натпревари. По “петардата“ во мрежата на Охрид, кичевчани испорачаа уште една овој пат во мрежата на тимот до Боговиње.


Напредок од почетокот на мечот доминираше на теренот, што веднаш беше капитализирано со погодок на Димоски. Пред крајот на првото полувреме Жарко Симјаноски зголеми на 2-0.


На стартот од вториот дел “црвено црните“ намалија преку Алили, а до крајот на натпреварот со двата гола на Вренцоски и вториот на Симјаноски кичевачни ја осигураа втората победа на контролните натпревари.


–   Поразот од Напредок е висок, во наредниот период ќе мора да се престроиме и со сигурност ќе има корекции во нашата игра. Сите фудбалери добија прилика во Охрид и полека, полека ќе влезат во посакуваната форма пред стартот на шампионатот  – истакна тренерот на Дрита, Ане Андоновски.



–    Моите фудбалери одиграа добар меч, но сепак се работи за пријателски. Испробавме некои нови варијанти кои сега за сега се покажаа како успешни –
потенцираше Драган Бочески.

Фудбалерите на Дрита следниот натпревар во Охрид го играат в сабота против српската екипа на Борча додека Напредок в недела ќе се сретне со Силекс.

Мх.П.