Македонија има напредок во имплементацијата на Болоњската декларација и Европскиот кредит трансфер систем, но за целосна и непречена примена потребно е да се заокружи законската регулатива. Ова беше речено на Семинарот за примена на Болоњската декларација и Европскиот кредит трансфер Систем, насловен како „Болоња и Универзитетот“ што денеска започна во Охрид.

Проректорот за настава на Универзитетот Свети Кирил и Методиј, професор д-р Зоран Велковски истакна дека Македонија од Европската комисија за образование добила оценка 3,6 за примената на Болоњската декларација, што е добра оценка. Тој рече единствениот недостаток во примената на Евроспкиот трансфер систем всушност е тоа што не е комплетирана законската регулатива што треба да ја уредува оваа област. Велковски рече дека тој процес е во тек и дека по донесувањето на соодветните закони очекува Македонија да ја поправи својата оценка.
На тридневниот семинар во Охрид професори од скопскиот Универзитет ќе ги запознаваат своите тетовски колеги со примената на Европскиот трансфер систем. Семинарот се одржува во ново отворениот Универзитетски центар во Охрид.
Г. Момироски












