Вкупно 3.647 матуранти кои од оправдани причини не полагале државна матура во јунскиот испитен рок и оние кои не положиле некој од предметите, ќе полагаат матура во августовскиот рок, кој стартува во понеделник на 11-август 2014 година со испитите по мајчин јазик и литература.
На 13-август 2014 година ќе полагаат матурантите кои одбрале странски јазик, на 14-ти август 2014 ќе се полага математика, естетика и филозофија, а на 16-ти август 2014 година ќе се спроведат испитите по хемија, физика, биологија, историја и бизнис. Интерните предмети матурантите ќе ги полагаат во периодот од 19-ти до 23-ти август, додека презентацијата и одбраната на проектната задача ќе се спроведе од 19-ти до 22-ри август.
Државната матура ќе се спроведе во 21 училиште во целата држава. Распоредот на учениците во кое училиште ќе полагаат е објавен на веб страната на Државниот испитен центар. Во Охрид полагањата ќе се спроведат во ОСО „Св.Климент Охридски”, во ОУТУ „Ванчо Питошески” и во ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски”.
-Како и во јунскиот испитен рок, така и во августовскиот, сите испити почнуваат во 10:00 часот. Прелиминарните резултати од државната матура ќе бидат достапни најдоцна 30 дена од полагањето на последниот екстерен испит. Учениците кои нема да бидат задоволни од добиената оценка по некој предмет, имаат право на приговор кој треба да се достави до Државниот испитен центар. По завршување на процесот на приговори, ќе бидат објавени и конечните резултати од државната матура од августовскиот испитен рок, информираат од Министерството за образование и наука.
Од таму информираа дека екстерната проверка на знаењето на учениците ќе се одржи на 14-ти, 15-ти и 18-ти август. Ќе полагаат 2.685 ученици по еден или два предмети. Учениците ќе знаат три дена пред полагањето по кој предмет ќе бидат тестирани. Распоредите за екстерното тестирање ќе бидат објавени на веб страната www.prasanjaeksterno.dic.edu.mk и на огласните табли во училиштата.
OhridNews