Согласно препораките од Кризниот штаб на Владата, сите советници од Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството, Р.Е Охрид во соработка со земјоделските инспектори, Агенцијата за храна и ветеринарство и Ветеринарните станици во наредните 15 дена ќе ги посетуваат шталите кои што се жаришта на болеста син јазик и ќе даваат препораки за спречување на болеста .
Болеста син јазик е акутна, инфективна неконтагиозна болест кај овците, а можат да заболати говеда и кози. Прв пат се појавува во Африка, а подоцна се проширила и на другите континенти. Во Европа е присутна во Португалија, Шпанија, Турција и Грција, а повремено и кај нас.
Се појавува сезонски, а ја пренесуваат инсекти кои се хранат со крв (комарци од родот Culicoides, крлежи, хематофагни муви).Специфичните географски и климатски прилики ( влажност, температура) влијаат на размножувањето на инсектите кои пак, влијаат значајно на епизоотиологијата која се јавува во влажни годишни периоди. Во најтешка форма се јавува кај овците со намалување на телесната тежина, намалување на млечноста, нарушување во растот на волната и можна смртност.
Болеста син јазик е на А листата на Светската организација за здравје на животните (ОИЕ) на болести кои подлежат на задолжително пријавување.
Од работната единица на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството со напомена до земјоделците дека дезинсекцијата и репелентното третирање се на товар на Владата на РМ, сопствениците на животни ќе бидат ослободени од давачки за пашарина и дека ќе бидат обезбедени субвенции и за секое угинато животно, но претходно со записник и фактички утврдено дека смртта настанала од болеста син јазик.
OhridNews