Банката во Битола не е во стечај и не ѝ е одземена дозволата за работа, нагласува регулаторот. Привремената администрација не го активира механизмот за обесштетување преку Фондот за осигурување депозити.
Физичките лица со сметки во АЛТА банка АД Битола можат неделно да користат до 10.000 денари преку картичките на банката, за подигање готовина и плаќање кај трговци. За фирмите, пак, дозволени се само плаќања меѓу сметки во самата банка, без ограничување на износот, појасни Народната банка во денешното соопштение за работењето на банката под привремена администрација.
Правните лица привремено не можат да префрлаат средства надвор од банката преку домашните платни системи, ниту да подигаат готовина од банкомати или шалтери. Неограничени остануваат и внатрешните плаќања од сметките на граѓаните кон други физички и правни лица во АЛТА банка.
Приливите од странство продолжуваат, одливите се привремено ограничени
Приливните плаќања од странство преку СЕПА и кореспондентно банкарство ќе се одвиваат непречено. Одливните плаќања кон странство, меѓутоа, привремено нема да бидат достапни ниту за физичките ниту за правните лица, наведува Народната банка.
Од регулаторот нагласуваат дека средствата остануваат на сметките на клиентите. Ограничувањата на одливот, според нивното образложение, се воведени за да се спречи нагло и масовно повлекување на ликвидноста што би можело да влијае врз интересите на сите штедачи.
Администрацијата не значи затворање на банката
Народната банка посочува дека привремената администрација е воведена поради случувањата поврзани со акционерот со квалификувано учество, АЛТА банка АД Белград. Управувањето со имотот и работењето привремено го вршат лица именувани од регулаторот, со цел заштита на банката и клиентите до разрешување на сопственичката состојба.
Според оцената на Народната банка, АЛТА банка АД Битола е ликвидна, високо капитализирана, со солиден квалитет на кредитното портфолио и ги исполнува супервизорските стандарди. Регулаторот нагласува дека банката не е во стечај и не ѝ е одземена дозволата за работа.
Со воведувањето администрација не се активира механизмот за исплата на депозитите преку Фондот за осигурување депозити. Народната банка потсетува дека осигурувањето на штедните влогови на физичките лица е до 30.000 евра, согласно законските правила, а кредитокорисниците треба и натаму навремено да ги исполнуваат обврските кон банката.
Централната банка најавува дека ќе ги преиспитува ограничувањата согласно развојот на состојбата и навремено ќе информира за промените. До клиентите упатува апел одлуките да ги темелат на официјални и проверени информации.
OhridNews












