Новинарот на дневниот весник „Вест“ Насер Селмани, ќе биде на чело на Здружението на новинарите на Македонија – ЗНМ и во наредните четири години.
На изборното собрание на ЗНМ, што се одржа денеска во Скопје, Селмани беше реизбран за претседател на организацијата во која членуваат мнозинството новинари во Македонија. За Селмани гласаа 154 делегати, додека неговиот противкандидат Семи Мехмети доби 22 гласа.
Пред почетокот на работниот дел на Собранието, новинарите со едноминутно молчење му оддадоа почит на колегата Мирослав Спировски кој почина вчера во 65-та година од животот.
Собранието со акламација усвои Декларација за осудениот новинар Томислав Кежароски, во која се бара негово ослободување. Кежароски беше обвинет во 2013 година за наводно откривање на идентитет на заштитен сведок, за кој во текот на постапката се утврди дека е компромитиран. Случајот доби меѓународни димензии затоа што Кежаровски е прв затворен новинар во Југоисточна Европа. Нашата порака е јасна и недвосмислена, Кежаровски мора да биде слободен сега и веднаш!-стои во Декларацијата што ја усвои ЗНМ.
Исто така, Кежаровки во отсуство беше избран за член на Управниот одбор на ЗНМ.
За време на дискусиите, новинарите отворено проговорија за актуелните состојби во професијата. Тие побараа да престанат притисоците, но и меѓусебните навреди помеѓу новинарите, како и дека е крајно време новинарството да ги исчисти своите редови од поединци кои злонамерно и со тенденциозно известување ја злоупотребуваат деградираат професијата. Новинарите побараа измени во статутот на ЗНМ за заштита на интелектуалната сопственост на интернет и формирање на посебно тело за грижа за дописниците кои со години се на маргините на професијата и се соочуваат со големи проблеми и трпат сериозни притисоци во локалната заедница.
На изборното Собрание на ЗНМ учествуваа новинари од речиси сите градови во земјата, меѓу кои и од Охрид и Струга.
OhridNews