Бени Османоски, нашинец родум од Октиси, Струшко, кој живее во Биел, Швајцарија успешно се натпреварува во повеќе боречки дисциплини. Османоски е актуелен првак Швајцарија во кик бокс дисцлиплните К-1 и Таибокс.


Во досегашните 42 борби во двете дисциплини Османоски има извојувано 36 победи (20 нокаути) и има претрпено само пет порази, а еднаш исходот на крајот од борбата бил нерешен.

Во 2010-та година во борбата за златниот појас во Таибокс во Сент Гален, Османоски со нок аут во третата рунда го совлада Луфти. Една година подоцна тој со нокаут во првата рунда триумфираше во финалната борба од професионалниот Кикбокс шампионат. Плодната 2011 година ја продолжи со златен медал во К-1 турнирот одржан во Илнау победувајќи го Јили Рашити исто така со нокаут во првата рунда.


Османоски во 2012 продолжи онаму каде што застана во 2011 година, повторно го победи Јили Рашити, но овој пат во финалето за професионални кик боксери. Но, “кучето“ како го нарекуваат Османоски не се задоволи со златниот медал, туку со нок аут во 55-та секунда го совлада трикратниот првак Роман Фалондри во К-1 борбата до 82.5 килограми.


Тренер на кик боксерот Бени Османоски е Јетон Зејна, кој сеуште активно се натпреварува во К-1 до 63 килограми. Тренинзите ги спроведуваат во клубот „Муа Таи“ во Биел, но Османоски има и свој тим, кој го носи неговото презиме. Менаџер на швајцарскиот првак е Роџер Руби, кој е сопственик на тимот „Муа Таи“.

Пред неполн месец за Османоски следуваше вистински предизвик откако прифати да влезе во рингот со шест и пол килограми потешкиот светскиот првак во Кикбокс ВКА дисциплината Кристијан Мендез. Победата му припадна на Османоски по гласање на судиите со 3-0.


– Уште од мало дете сакав да се занимавам со овој спорт. Тоа што сум денес го посакував целиот живот. Моите планови се во иднина да се борам на големите турнири во Јокохама и Амстердам – посочи Османоски. 

За остварувањето на плановите Османоски го очекува макотрпна работа. Веќе во декември закажана е борба во Цирих. Во февруари има борба во Италија додека во март го очекува пресметка во Франција и на крај во Холандија во месец август. Со позитивен резултатот од сите овие борби Османоски ќе добие дозвола за борба за светски шампион во категоријата К-1.

Мх.П.