Едриличарската Федерација на Македонија ќе ја претставува нашата земја на 53-то Балканско првенство во едрење за олимписки класи и Оптимист, што ќе се одржи во Несебар, Бугарија.
Настанот, во организација на Бугарската едриличарска федерација и Општина Несебар, ќе ги собере најдобрите едриличари од балканските земји кои ќе се натпреваруваат во класите Optimist, ILCA 4, ILCA 6 и Finn.
Натпреварите ќе се одвиваат од 17-ти до 19-ти октомври. Планирано е одржување на максимум девет трки во секоја класа, а завршната церемонија и доделувањето на медалите ќе се одржат на 19 октомври.
Балканското првенство е еден од позначајните настани за нашиот спорт и претставува можност македонските едриличари да ги измерaт своите сили со најдобрите од регионот во конкуренција на голем број светски и европски прваци. Нашата репрезентација се состои од вкупно 13 натпреварувачи во машка и женска конкуренција, како во младинска така и во сениорска конкуренција. Нашата цел е преку вакви настапи да им овозможиме континуиран развој, искуство и меѓународна афирмација, изјавија од Едриличарската Федерација на Македонија.
Балканското првенство е дел од официјалниот календар на европски и регионални регати, дел од календарот на Светската едриличарска федерација и претставува важен чекор во развојот на младите таленти и афирмацијата на олимписките дисциплини.
Со ова учество, Едриличарската федерација на Македонија го продолжува континуитетот на активно претставување на меѓународната сцена, после Светското Првенство во Словенија и Европоското Првенство во Полска, а со цел унапредување на спортот едрење и промоција на македонските спортисти и нашата земја.
OhridNews