Поголема површина атрактивно земјиште на охридското крајбрежје ќе се урбанизира, или ќе се врши пренамена за изградба на хотелски комплекси и други објекти. Нов хотел треба да никне на просторот на некогашната детска болница која беше затворена во 2007 година со образложение дека нерентабилно работи. Персоналот и пациентите тогаш беа преселени во специјалната болница „Св. Еразмо“, а објектот оставен на забот на времето.
– Сега во тек е продажба на просторот за изградба на хотел кај специјална детска болница. Има заинтересирани инвеститори и мислам дека за кратко време ќе знаеме кој ќе го добие тоа место за изградба на хотел. – изјави деновиве Бранко Арнаудоски од секторот за урбанизам при општина Охрид.
вака изгледа денес Детската болница во Охрид
Интерес за Детската болница претходно пројавуваше Заводот за кардиологија, кој се соочува со недостиг на простор. Но наместо таму, според плановите на министерството за здравство, охридската кардиологија, исто така, ќе се сели во специјалната болница „Св. Еразмо“ која треба да прерасне во клинички комплекс.
OhridNews