Македонија ќе се вклучи во регионалниот проект на Светската банка за формирање специјализирана компанија за реосигурување на ризиците од катастрофи „Европа Ре“, за што деновиве на експертско ниво се разговара во Охрид. Според министерот за финансии, Зоран Ставрески, приклучувањето на земјата кон иницијативата е од полза пред се на граѓаните – сопственици на куќи и станови, земјоделците, малите и средни претпријатија, кои за пристапни цени ќе обезбедат сигурен надомест на евентуалните загуби предизвикани од природни катастрофи.

– Секако, корист од реализацијата на проектот ќе почувствуваат и владите на земјите-учеснички. Како што ќе се развива пазарот на осигурување од ризици од катастрофи, така ќе се намалува притисокот врз владите за исплата на штети од природни непогоди, рече Ставрески.

Тој појасни дека Македонија ќе учествува во проектот со пет милиони евра, средства обезбедни преку Светската банка, притоа изразувајќи уверување дека прифаќањето на регионалниот проект за осигурување од ризик од катастрофи претставува добар, економски оправдан чекор.

За покривање на штети од временските непогоди, од буџетот на Република Македонија годишно се издвојуваат околу два милиони евра. Покрај Македонија постапка за приклучување кон проектот „Европа Ре“  почнаа и Албанија и Србија, а наскоро се очекува да се приклучат и други држави од регионот.

OhridNews