Во вторник, на 15-ти октомври, во големата сала на Општина Охрид, со почеток во 19:00 часот, ќе се одржи свечена промоција на романот „Светиот завет“ од Томислав Тунтев, што се очекува оваа недела да излезе од печат во издание на издавачката куќа „Данте“ од Охрид. Промоцијата ќе биде продажна – сите заинтересирани љубители на пишаниот збор ќе имаат единствена можност да ја набават книгата по промотивна цена од 250 денари – половина од нејзината редовна продажна цена по книжарите. Притоа, продажбата има хуманитарен карактер – дел од приходите се наменети во хуманитарни цели за Црвен крст.

-Охриѓани имаат обичај да речат – љуѓе прает, љуѓе расипвет. Романот „Светиот завет“ претставува пишано сведоштво за луѓето охридски што оставиле траен белег во животите на охриѓани, за настаните охридски што ги предодредиле судбините на охриѓани и за градот Охрид што е сакан, почитуван и вечен – од дамнина, па до денес. На самиот почеток стои – личностите и настаните во книгата се измислени, освен тие што не се; секоја сличност со личности и настани од вистинскиот живот е намерна.-вели авторот на романот, Томислав Тунтев. 

Книгата се обидува да даде одговор на многу непоставени и до сега неодговорени прашања, поврзани со охридското битисување низ вековите – зошто бил создаден Редот на витезите на Св. Климент Охридски и како успеал да опстои и да го зачува Охрид повеќе од илјада и сто години; која е најголемата и најсветата тајна на охриѓани, што се чува во светозаветната ризница на Редот; која била вистинската мисија на Св. Климент Охридски во почетокот на Х век; каква била улогата на царот Јован Владислав во распаѓањето на македонската империја на почетокот на XI век; каде се наоѓала главната порта за влегување во градот; како поглаварот на Охридската архиепископија Димитар Хоматијан во 1204 год. го спасил Охрид од пустошење и уништување од страна на крстоносните војски; зошто севастократорот Бранко Младен во втората половина од XIV век ја изградил црквата Св. Јован Богослов Канео; зошто жупанот Андреј Гропа во историјата е запаметен како „господарот на Охрид“; како Охрид бил спасен од смртоносните чуми и колери во средниот век; како Охрид потпаднал под османлиско ропство дури 10 години подоцна од сите други македонски градови; како и каде биле пренесувани светите мошти на Св. Климент Охридски низ историјата и каде навистина се наоѓа денес неговиот череп; која е вистината за Синан Јусуф Челеби и Ејуп Сабри; кои биле славните фарии; каде навистина се наоѓаат посмртните остатоци на Григор Прличе; кој бил Кирил Прличе и која е неговата улога во пронаоѓањето на Св. Климентовата црква и гроб; кога и како се случил најголемиот грабеж на скапоцени предмети и реликвии од непроценлива историска, религиозна и културна вредност во Охрид; која е улогата на Ванчо Михајлов во убиствата на дејци и револуционери со охридско потекло; како и зошто е убиен Петар Чауле и која била неговата најголема заслуга за Редот; како е Охрид спасен од бомбардирање во 1944 год. и каде се наоѓа златото од охриѓаните што го спасило градот; која е вистината за Петре Пирузе, Илија Коцаре и Вернер Баумгартен; кои се Никола Групче и Митко Хаџикостов и која е нивната улога во приказната за охридското злато; кој ја чувал тајната за закопаното злато цели 50 години и како им ја открил на денешните генерации; зошто Охрид е првиот македонски град ослободен од фашистичката окупација, на 15-ти октомври 1944 год., иако официјалниот датум на неговото ослободување во историјата останал 7-ми ноември; како и зошто е убиен Иван Точко; каде е Учкале во Охрид; зошто Табана, Месокастро и Челница се викаат така; какви тајни кријат охридските цркви, куќи и улици; каде се наоѓаат подземните крипти што ја чувале тајната за светозаветната ризница на Редот; што претставува тајното црковно здружение Testamentum Sanctum…

Одговорите на овие прашања, како и уште многу други неверојатни и зачудувачки сознанија за Охрид и за охриѓани, ќе ги пронајдете во романот „Светиот завет“ – роман за светозаветните судбини на охриѓани – за нивните животни радости и небиднини, за нивните успеси и падови, за нивните надежи и разочарувања. Роман за нивните души, слеани во една – душата на нивниот град – градот на вечната светлина, градот на исконските тајни, градот на славните судбини. Роман за огромната љубов кон сопствениот град во име на Великиот Патрон и за неповторливото херојство, посветеност и пожртвуваност на охридските витези низ вековните животни премрежија. Роман за Охрид, роман за охриѓани, додава Тунтев.

На промоцијата се очекува кратко обраќање да имаат рецензентите на романот и авторот, а самата промоција ќе се одвива низ пригодни аудио и видео перформанси со охридски мотиви.

OhridNews