Првиот проект стартува на трети јуни, кога се очекува да биде премиерата на претставата “Метаморфози”, во режија на Андреј Цветановски.
– Темата која се обработува во претставата е играта на боговите со смртниците и нивните животи, а се поради нивната забава и хир. Тоа е една унивезрална тема, со митовите од грчката и римската митологија, но сепак претставена на еден современ начин. Ќе биде забавна за публиката, но на крај ќе остави горчлив вкус, вели режисерот на претставата Цветановски.
Втората претстава, чија премиера е предвидена на крајот на месец јуни е заеднички проект на актерот Мони Дамевски и Љупчо Тодоровски- Упа.
Идејата за создавањето на претставата потекнала од официјалните податоци од Државниот завод за статистика, според кои во 2009 година за прв пат во Македонија бројот на македонски иселеници кои се враќаат во земјава бил еднаков на оние кои заминуваат. – Низа години и двајцата сме живееле и работеле надвор од Македонија. Сме слушнале бројни прашања за тоа како таму се живее, споредувања со овдешните услови за живеење и работа. Сето тоа не наведе на идејата таквото искуство да го преточеме во драмска претстава, за која го ангажиравме младиот драматург Бојан Трифуноски да ни помогне да се напише сценариото според кое ќе се работи претставата, објаснува Мони Дамевски.
– Претставите и воопшто театарот е суштински одраз на животот. Колку и да е генијален текстот мора да се придонесе тој што повеќе да се доживее од публиката како свој. Истовремено, поставувањето на современ текст носи и свои тешкотии и проблеми. Во Охрид има бројна театарска публика и ја очекуваме на премиерата на крај на месец јуни, додава Тодоровски.
Засега во опција се два наслови за претставата: ” Иди ми, дојди ми”, и “Ни ваму, ни таму”. Кој наслов ќе се избере ќе имаме можност да видиме на премиерата во јуни.
Третата премиера која ја најавуваат од Охридскиот театар ќе биде во август, во рамки на фестивалот ” Охридско лето”.