До крајот на месецов, охриѓани и официјално ќе можат да ги користат новите градски автобуски линии, кои делумно ќе ги поврзуваат периферните населби со централното градско подрачје. Постапката за двете нови кружни линии веќе е завршена, а преку тендерот распишан од локaлната самоуправа избрани се и превозниците кои ќе ги превезуваат граѓаните.

Како што информира градоначалникот на Охрид Александар Петрески, утврден е возниот ред на двете нови линии, со кои населбите оддалечени од центарот на градот ќе бидат соодветно поврзани.

Двете градски линии ќе доаѓаат до населбата „Гоце Делчев“ или позната кај народот како „Бараки“. Тука живеат голем број на стари лица, а месноста е далеку од центарот на градот.  Едната линија ќе се движи од оваа населба, по улицата Јане Сандански, булеварот Туристичка, улицата Железничка, па се до автобуската станица и така во круг. Другата линија ќе сообраќа од тука кон автобуската, па низ истите улиците повторно до „Гоце Делчев“.“ – вели градоначалникот Петрески.

Тој истакна дека  целата постапка е веќе комплетно завршена, а за посебните групи граѓани превозот ќе биде бесплатен.

Имаме два оператори кои ќе го вршат јавниот превоз. Постојките ќе бидат одбрани на оние места каде што ќе има потреба. За посебните групи граѓани како и за пензионерите, овој превоз ќе биде бесплатен.“ – вели Петрески.

Охриѓани со став, дека на градот повеќе од потребен му беше линиски превоз. Скапото такси и високите цени на горивата, се причина поради која голем дел од населението е „отсечено“ од централното градско подрачје, коментираат охриѓани.

На Охрид повеќе од потребен му беше ваков јавен превоз. Такси превозот е доста скап и не е за сечиј џеб. – вели охриѓанецот Никола П, од населбата „Влашка Мала“.

Граѓаните од населбата „Гоце Делчев“,  задоволни што конечно ќе бидат поврзани со градот. Тие се надеваат дека цените на градскиот превоз ќе бидат достапни за сите.

Оваа е позитивна работа, која ја чекаме доста време. Мило ни е што ете, нашата населба ќе биде поврзана со останатиот дел на градот, ако се знае дека сме прилично одалечени од централното подрачје. Претпоставуваме дека цените ќе бидат за достапни, така да сите возрасни категории ќе можат да си дозволат ваков превоз.“ – вели една наша сограѓанка од населбата „Гоце Делчев“.

Пензионерите ја поздравуваат одлуката на локалната самоуправа и превозниците, со која оваа категорија граѓани ќе може бесплатно да го користи превозот.

Можеби за некого тоа е смешно, но ние сме презадоволни со ваквата одлука. Најавите се дека градскиот превоз за нас ќе биде бесплатен, како што е случај со пензионерите во Скопје. Повеќето од нас не возиме автомобили, а во текот на зимскиот период тешко е да се излезе барем до пазар и да се купат основните прехранбени производи.“ – вели охридскиот пензионер Ванчо К.

Инаку, со линиски превоз  досега беа опфатени повеќе населени места во околината на Охрид, меѓу кои Свети Наум, Трпејца, Пештани, Елшани, како и Велгошти, Куратица и Свињишта. Исто така, се воведува и редовна линија кон селото Завој.

O.T.