Наскоро започнува четвртото културно-алтернативно лето „Културолошка иницијатива 5 до 12“. Од првата до четвртата година работите се менуваат и амбициите растат, но најважно е дека љубовта кон она што го правиме, ентузијазмот и желбата за промена преку реализирање креативни решенија оваа 4-та година е уште поголема, велат од Културолошката иницијатива 5 до 12.

Годинава поради четвртото издание сѐ што ќе реализираме ќе биде во „знакот на 4-ката“ и тоа ќе се провлекува низ сите наши настани. Одлучивме бројот 4 да го симболизира овогодинешното издание поради неколку работи. Првата поврзаност е секако тоа што годинава е 4-то издание, велат.

Додаваат дека бројот 4 има голема симболика во секојдневниот живот, а како најдобар пример се 4-те годишни времиња: пролет, лето, есен, зима коишто го прикажуваат циклусот на природата, но исто така го симболизираат циклусот на животот на човекот кој пак најчесто е претставен преку 4-те животни фази: растење, развивање, стареење и умирање кои го заокружуваат тој животен пат, а на секого во животот му е потребна ориентација која ја означуваат 4-те страни на светот: исток, запад, север, југ.

Но, секој човек во животот се одликува со различни карактеристики, па така според нумерологијата и симболиката на бројот 4, ова лето ќе бидат претставени 4 важни поими кои ќе се главна одлика на четвртото издание на летната програма на Културолошка иницијатива 5 до 12, а тоа се: ментално здравје, креативност, исполнетост, себеизразување кои се важни одлики за карактерот во животот на секоја индивидуа, а особено за младите генерации, потенцираат.

Додаваат дека бројот 4 е симбол на животот, а Културолошка иницијатива 5 до 12 е начин на живот.

OhridNews