ООУ „Христо Узунов“ како апликант и учесник во Европската програма Еразмус+ KA101 за обука на наставен кадар доби грант со проектот “Becoming BULLY-proof and BULLY-less” и учествуваше на обука на тема „How to stop bullying and cyberbullying at schools and promote social emotional learning”, во Болоња, Италија.
На 7- дневната обука која траеше од 30.01-5.02.2022 се разменуваа добри практики и се дискутираа предизвиците со колегите од други европски држави и обучувачите за тоа како да се препознае, превенира и намали врсничкото насилство и сајбер-насилството во училиштата. Преку секојдневната интерактивна обука и тим билдинг активностите се создадоа услови за меѓусебна соработка со стручни лица, засегнати страни и организации кои работат во областа на образованието во Европа и во иднина, информираат од училиштето.
Исто така, учесниците имале можност да се стекнат со идеи за нови алатки и методи за создавање на позитивна училишна средина која ќе развие социо- емоционално учење, а им биле презентирани и начини и стратегии за создавање и спроведување на Училишен План за спречување и запирање на врсничкото насилство.
Целта на обуката беше учесниците да се стекнат со вештини за утврдување на тенката линија помеѓу законското и незаконското однесување и како да се препознае насилничко однесување, за разбирање на различните видови насилство и подлабок увид за влијанијата, факторите на ризик и долгорочните ефекти кај насилниците и жртвите, додаваат во соопштението од училиштето.
Периодот што следи, се вели во соопштението, ќе биде посветен на дисеминација на резултатите од проектот на различни нивоа, со цел инволвирање на сите засегнати страни во процесот на искоренување на горливиот проблем што зема сé поголем замав кај младите.
Учесници во програмата беа Елена Ничевски како координатор на проектот, Татјана Пановска- наставник по англиски јазик и Дијана Јулоска- педагог.
OhridNews













